|
Реализацијата на проектот ни овозможи за дознаеме повеќе за корпоративната филантропија во Република Чешка, како и да ги осознаеме разликите на бизнис секторот и локалната власт во Прага и во помалите градови како Усти над Лабем.
Сепак она што за нас беше фасцинантно е дека претставниците на бизнис секторот ја согледуваат и ја прифаќаат сопствената одговорност во градењето на подобро општество. Исто така тие се свесни дека со задоволување на стандардите за корпоративна општествена одговорност тие го подобруваат сопствениот имиџ пред очите на домашните корисници како и на странските инвеститори. Некои компании (CEZ) даваат и до 4 милиони евра годишно на граѓански организации.
Претставниците од организацијата домаќин Forum Darcu (Чешки форум на донатори) организираа за нас 4 презентации за нивните активности (соработка помеѓу фондациите, бизнис секторот и локалната самоуправа), анализи на ситуацијата и трендовите во невладиниот сектор и филантропијата, за правната и даночната ситуација при финансирање на НВОи во Република Чешка, презентација за структурата на фондациите во Република Чешка и за корпоративната социјална одговорност во Р. Чешка. Сите презентации кои беа организирани за нас ни дадоа јасна слика за корпоративната социјална одговорност во Чешка, како и за структурата и улогата на секој актер: НВО, фондација, бизнис сектор, локална самоуправа.
Исто така присуствувавме на Конференцијата "Новите трендови во корпоративната филантропија-Причинско ориентиран маркетинг" организирана од Forum Darcu. На конференцијата присуствуваа претставници од НВО секторот и претставници од бизнис секторот со презентации за: Причинско ориентиран маркетинг (ПОМ) - Новите трендови во корпоративната филантропија, ПОМ проекти на интернационални непрофитни организации и нивните корпоративни партнери, како и презентација на 4 ПОМ проекти од Чешка со поддршка на нивните корпоративни партнери. На конференцијата беа прикажани начините на соработка, алатки за прибирање на финансиски средства како и конкретните резултати од корпоративната соработка на бизнис секторот со НВО секторот.
Во рамките на студиската посета присуствувавме на Специјален настан за доделување на ТОП 10 корпоративни награди. Специјалниот настан беше организиран на највисоко ниво во Националниот музеј на Република Чешка. На настанот присуствуваа претставници од топ менаџментот на компаниите номинирани за наградите, Претседавачот на Советот на Чешка, замениокот Амбасадор на САД во Чешка како и претставници од невладини организации. Ваквите настани придонесуваат кон зголемување на корпоративната општествена одговорност. Прва награда доби CEZ - за донирани повеќе од 1 милион евра во последното тромесечје.
Проектот се реализира во период од 22.10.2007 – 26.10.2007. Финансиран е од проограмата Исток – Истот на ФИООМ.
|