|
Локалната заедница од Прилеп се соочува со проблемот-Тризла. Оваа населба, која е во склопот на градот Прилеп е една од најсиромашните населби, со најлоша инфраструктура и најмногу проблеми. Најголемата етничка групација е ромското население, иако во Тризла исто така присутно е и македонско население. Поради лошата состојба во оваа населба, на иницијатива на Институт за трајни заедници од Скопје беше реализиран проект кој имаше за цел да ги одреди точните проблеми во оваа населба, да им даде приоритет и да делува на истите. Поради спецификата на самиот проект, лидер на проектот беше ромската организација „Романи Шукарипа“ од Прилеп. Како партнер НВО, која има за цел институционално да ја зајакни ромската НВО и да продонеси со своето искуство кон успешноста на реализацијата на проектните активности, се појавува Центар за граѓанска иницијатива.
Преку спроведување на истражувачка фаза која во себе вклучуваше и едукација на тимот кој работеше на овој проект, се испитаа главните проблеми и причини за состојбата во која што се наоѓа населбата Тризла. Многу важен сегмент е тоа што е адресиран проблемот на целата населба, вклучувајќи го во себе и ромското и македонското население во оваа населба.
Проектот се реализираше чекор по чекор. Секоја следна фаза на проектот беше претходно испланирана врз основа на искуствата од претходната имплементирачка фаза. После 6-8 месеци работа на истражување и едукација, следеше наредната фаза, која вклучи конкретни активности за адресирање на проблеми кои се појавија како приоритети во претходната фаза.
Важноста на ваквиот проект беше голема. Населбата Тризла се соочува со проблеми кои се од различна природа. Поаѓајќи од инфраструктура, до проблемот на сиромаштија и генерирање на финансиски средства. Земајќи го во предвид фактот дека мнозинството во оваа населба се Роми, проблемите како што се необразована популација, семејството и негова улога во заедницата, здрaвството, важноста да се имплементира ваков проект беше голема.
Институт за трајни заедници - Скопје во соработка со Центар за граѓанска иницијатива и Романи Шукарипа го направија првиот чекор кон подобрување на животот во оваа населба која е дел од градот Прилеп. Проектот се реализираше од 1 март 2003 до 31 октомври 2003 година.
|