Проект за поддршка на човекови прва – проширени услуги

 
 

         Жителите  во општините: Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Битола, Ресен, Охрид, Струга, Кавадарци и Неготино, кои се жалаат на неправилното однесување на полицијата добиваат бесплатно правно советување од страна на Центар за граѓанска иницијатива (ЦГИ) – Прилеп.

              Иницијативата за поддршка на жртви од неправилно полициско однесување е започната од 01.03.2005 година, кога ЦГИ се вклучи во имплементацијата на Проектот за поддршка на човековите права, заедно со четири други граѓански организации и тоа од Скопје, Струмица, Куманово и Тетово. Преку овој проект вниманието се насочува на незаконската употреба на средства за присила од страна на полициските службеници на Министерството за внатрешни работи, а воедно се работи на развивање на ефикасен механизам за заштита на правата на жртвите.

              Преку овој проект пријавените случаи на полициска злоупотреба се проследени со:

  • ефективна истрага од страна на надлежните државни органи,
  • полициските службеници се адекватно санкционирани кога ќе се утврди повреда на човековите права и слободи ( во еден случај е донесена пресуда од страна на Основен суд Прилеп, каде полицискиот службеник е осуден на 6 месеци затвор заради полициска злоупотреба, а воедно му е изречена и дисциплинска мерка-намалување на платата).

              Развојот на системите на контрола над работата на полициските службеници, не значи недоверба и напад врз полицискиот систем, туку императив на секое демократско општество кое се стреми кон развој на концептот на човекови права и владеење на правото. Поради тоа во случаите на неправилно однесување на полициските службеници, граѓаните може да поднесат претставка до Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди, кој ја превзема истрагата по поднесните претставки, како и известувањето за резултатите на спроведената истрага до подносителот.

              Народниот Правобранител, како независна, самостојна, професионална и стручна институција, ги користи сите свои овласувања во случаите на незаконско полициско постапување. Најчесто постапувајќи по добиените претставки, својата интервенција ја сведува на пишување писмо до Секторот и чекање на одговор од истиот.

              Главна улога при разрешувањето на случаите на неправилно полициско однесување имаат Јавното обвинителство и судовите.

              Искуствата на јавните обвинители кои се однесуваат на собирање докази во случаи на полициска злоупотреба, укажуваат дека соработката со Министерството за внатрешни работи е на задоволително ниво, затоа што на поднесените барања за потребни податоци и известувања се одговара целосно и во разумен рок, што придонесува за нормално одвивање и тек на постапката.

              Со цел да се зајакне претходно воспоставената соработка помеѓу Центар за граѓанска иницијатива и горенаведените државните институции кои примаат жалби за можни повреди на човековите права преку злоупотреба на полициските овласувања, организирани се повеќе локални координативни состаноци. Преку состаноците, покрај тоа што се гради заедничка стратегија за регистрираните случаи на полициска злоупотреба, се зголемува и довербата на граѓаните кон надлежните државни институции.

              За време на имплементацијата на проектот, се работи на промоција на оваа иницијатива преку инфо-кампања, спроведена меѓу учениците од средните училишта како и меѓу членовите на граѓанските организации на територијата на деветте општини, каде што делува ЦГИ. Ваквиот пристап придонесе многу граѓани да се охрабрат и да ги пријавуваат случаите на полициско насилство, барајќи бесплатна правна помош од правниот советник на ЦГИ.

              Проектот за поддршка на човековите права продолжува со имплеметација и во 2009 година, преку штитење и промоција на човековите права, како и подигање на свеста на граѓаните во случаите кога нивните права се прекршени од страна на полициските службеници.

              Проектот се реализира во периодот од 01.03.2005-31.12.2009 година, а оваа година е финансиран е од UNVFVT и Фондација Институт отворено општество - Македонија