|
Симпозиум организиран од страна на AIESEC – (најголема студентска организација во светот). Симпозиумот се одржа во Собранието на Општина Битола на ден 13 Мај 2004 година.
На овој симпозиум покрај студентите од Македонија (Скопје, Битола, Прилеп и Охрид), присуствуваа и студенти од Србија и Црна Гора, Романија и Бугарија. На симпозиумот присуствуваа и Гоце Тодороски - Извршен директор на Центар за граѓанска иницијатива, Џесика Кук - AID TO ARTISANS, Шила Томпсон - Претставник на Европската Унија во Македонија, Мајкл Краун од MSI (Програма за развој на туризмот финансирана од USAID).
Симпозиумот беше поделен во два дела.
Во првиот дел имаше предавање за претприемаштвото и општествената одговорност. Во овој дел целта на предавачите беше да понудат чиста и јасна слика за тоа што значи претприемаштвото и општествената одговорност.
Едисон Дос Сантос - заменик претседател на AIESEC во Македонија, ја отвори средбата со што ги изложи своите искуства на тема социјална одговорност и насоките по кои што би требало да дејствуваат младите луѓе после нивното школување.
Џесика Кук објасни нешто повеќе за социјалната одговорност во сферата на бизнис корпорациите.
Шила Томпсон еден од претставниците на ЕУ во Македонија изнесе дел од своите искуства во врска со социјалната одговорност во медиумите преку примери од својата досегашна работа.
Мајкл Краун од MSI (Програма за развој на туризмот финансирана од USAID) говореше за социјалната одговорност во туризмот при што посебно се осврна на потребата од негов забрзан развој на територијата на Р Македонија.
Во своето излагање Гоце Тодороски од Центар за граѓанска иницијатива - Прилеп говореше за социјалната одговорност во невладиниот сектор изразена преку реализацијата на проектите на Центарот за граѓанска иницијатива.
Целта на овој симпозиум беше официјално отпочнување на Националната мрежа за учење и зголемување на разбирањето во врска со претприемаштвото и општествената одговорност и да се делува како мост помеѓу различни организации и нивно меѓусебно споделување на искуствата.
Во вториот дел од симпозиумот имаше саем за тековните проекти на различните организации во Македонија вклучувајќи ја и AIESEC.
Имено една од целите на овој симпозиум е изградба на платформа врз која би се споделувале искуствата и стекнатите знаења од областа на претприемаштвото и општествената одговорност.
|