20 000 begalci vo Makedonija

 
 

Со започнувањето на трагичните настани на Косово во 1999 година, и појавата на голем бран на косовски бегалци во Македонија, ЦГИ започна да работи на проект фокусиран на оваа проблематика.

            Бегалците од Косово беа сместени во кампови за бегалци и во семејства во неколку градови во Македонија распоредени по граничниот појас со Косово и Албанија. Трагедијата која им се случуваше предизвикуваше низа негативни ефекти како на индивидуален така и на колективен план загрозувајќи ги нивните социјални и цивилизациски вредности со тенденција на континуирана асоцијализација и одвојување од времето во кое останатите живееме. Најзагрозени беа децата кои најтешко ги поднесуваа последиците затоа што нивниот дотогаш безгрижен живот најмалку ги беше подготвил за егзистирање надвор од домашната средина а притоа со огромна доза на траума и стрес.

            Најголемиот број на бегалци кој беше забележан во урбаните средини, беше во Тетово каде беа сместени околу 20.000 лица бегалци. Специјализиран персонал на ЦГИ, во училиштето “Братство” сместено во центарот на истиот град започна да ја имплементира подготвената програма со инволвирање на 1.500 деца бегалци од Косово. Со децата се работеше во две смени, секој ден при што користевме методи и литература кои беа адаптирани и успешно применети од Албанскиот центар за човекови права - Тирана (АЦЧП).

Проектот го цениме како мошне успешен бидејќи според методите на евалуација на работата и активностите заедно успеавме 54 % од децата инволвирани во нашата програма да се ценат како подготвени за адаптација на нашиот образовен систем, а преку 70 % да ги надминат бариерите на трауматичното однесување и расположение.

Литературата која се користеше како прирачник во процесот на спроведување на проектот беше сплет на текстови компилиран во соработка со АЦЧП.

Проектот траеше од април до јули 1999 година, а беше финансиран од Холандската фондација CARITAS.